Јирген Клоп прифатил да преговара со Реал Мадрид

April 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Јирген Клоп прифатил да преговара со Реал Мадрид

Поранешниот менаџер на Ливерпул, Јирген Клоп, е подготвен да ја разгледа можноста за враќање на тренерската сцена, и тоа токму на клупата на Реал Мадрид. Според информации од шпанскиот „Спорт“ и бразилскиот „УОЛ Еспорте“, Германецот се согласил да разговара со претставници на „кралскиот клуб“ во врска со можноста да го наследи Карло Анчелоти на „Сантијаго Бернабеу“. Клоп веќе речиси една година е надвор од фудбалот, откако го напушти Ливерпул, а од 2025 година го презеде местото директор за фудбалски прашања во „Ред Бул“. Иако тогаш најави дека нема намера повторно да седне на клупа, сега е подготвен да направи исклучок, но само за клуб со голема традиција и амбиции, како што се Реал Мадрид или репрезентацијата на Бразил. Од друга страна, Карло Анчелоти, според најновите информации на „Скај Спортс“, би можел да си замине веднаш по финалето на Купот на кралот против Барселона. Тој се споменува како главен кандидат за нов селектор на Бразил, а ваквиот развој на настаните го отвора патот за потенцијален ангажман на Клоп. Претседателот на Реал, Флорентино Перез, го гледа Клоп како идеален одговор на подемот на Барселона предводена од Ханси Флик, уште еден германски стратег. Сепак, во игра се уште неколку звучни имиња. Чаби Алонсо и Зинедин Зидан се имињата кои исто така важат за сериозни кандидати за наследник на Анчелоти.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.