Јунајтед остана непоразен во ЛЕ, Мурињо и Фенер избегнаа срам (ВИДЕО)

January 30, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Јунајтед остана непоразен во ЛЕ, Мурињо и Фенер избегнаа срам (ВИДЕО)

Возбудливата вечер во Лигата на Европа донесе решавачки дуели и неколку изненадувања, а осум екипи веќе обезбедија директен пласман во осминафиналето, додека други ќе мора да се борат во баражот. ФКСБ имаше надеж за директен пласман во осминафиналето, но Манчестер Јунајтед не дозволи никакви изненадувања. Иако првиот дел заврши без голови, избраниците на Рубен Аморим во вториот дел го засилија темпото и со брзи голови на Диого Дало и Коби Мејну во рок од осум минути стигнаа до значајна победа. Романскиот тим ќе мора да бара место во следната рунда преку баражот. Во исто време, Ајакс ја искористи својата последна шанса и со победа од 2-1 против Галатасарај избори место во следната фаза. По трите последователни порази, холандскиот гигант немаше простор за грешка. Бертран Траоре во 23. минута го отвори резултатот, додека Кијан Фирц-Џим во 60. минута го постави конечниот резултат, носејќи му на Ајакс повластена позиција во ждрепката. Атлетик Билбао триумфираше со 3-1 против Викторија Плзен и како второпласиран избори место во осминафиналето. Нико Вилијамс и Јерај Алварез беа клучни за победата, додека Милан Хавел го намали водството за чешкиот тим. Хавиер Мартон во 95. минута стави точка на триумфот на Баските. Најголема драма се случи во борбата за последното место во 1/16 финалето, каде што Фенербахче на Жозе Мурињо избегна срам и со 2:2 на гости кај Митјиланд заврши на 24. место, освојувајќи билет за баражот благодарение на подобра гол-разлика од Брага. Турскиот тим имаше 10 бода и -2 гол-разлика, додека Брага со ист број на бодови остана без пласман поради -3 гол-разлика. Директен пласман во осминафиналето обезбедија осум екипи: Лацио, Атлетик Билбао, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Ајнтрахт Франкфурт, Лион, Олимпијакос и Ренџерс. Нивните противници ќе бидат одредени откако ќе се одиграат натпреварите од 1/16 финалето, каде што ќе се сретнат следните 16 екипи: Бодо/Глимт, Андерлехт, ФКСБ, Ајакс, Сосиедад, Галатасарај, Рома, Викторија Плзен, Ференцварош, Порто, АЗ Алкмар, Митјиланд, Ројал Унион, ПАОК, Твенте и Фенербахче. Со многу непредвидливи дуели на повидок, продолжението на Лигата на Европа ветува уште поголема доза на возбуда и неизвесност.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.