Јувентус со победа го отвори шампионатот – Влаховиќ и Јилдиз херои против Парма (ВИДЕО)

August 24, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Јувентус со победа го отвори шампионатот – Влаховиќ и Јилдиз херои против Парма (ВИДЕО)

Јувентус со победа ја започна новата сезона во Серија А, откако вечерва на домашен терен беше поуспешен од Парма со конечни 2-0. Иако првото полувреме помина без голови, избраниците на Игор Тудор одиграа далеку поангажирано во продолжението и успеаја да ја скршат одбраната на гостите. Главен креатор на двата погодоци беше младиот турски талент Кенан Јилдиз, кој уште еднаш покажа дека полека прераснува во клучен играч на „старата дама“. Прво, во 59. минута со фантастичен продор ја исече одбраната на Парма и го проигра Дејвид, кој рутински реализираше за водство на Јувентус. Шест минути пред крајот, Јилдиз беше во главна улога и во акцијата која донесе втор погодок – брз контранапад во кој тој го проигра Душан Влаховиќ, а српскиот голгетер без проблем ја затресе мрежата за конечни 2-0. За Влаховиќ цело лето се шпекулира дека е отпишан од тренерот Тудор и дека клубот ќе се обиде да го продаде, но вечерва само четири минути по влегувањето во игра тој го пронајде патот до мрежата и на најдобар можен начин ја заврши приказната во Торино. Во вториот меч од денешната програма, Аталанта и Пиза одиграа без победник – 1-1.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.