November 26, 2024 | | Свет
Во последните два дена, ситуацијата помеѓу Мохамед Салах и Ливерпул предизвика вистинска бура. Конфликтот започна кога најголемата ѕвезда на клубот не доби писмено потврден договор за продолжување на соработката, што предизвика големи сомнежи за неговото останување. Сепак, не е сосема точно дека клубот не сака да го задржи. По победата против Саутемптон, во која Салах постигна два гола и му донесе пресврт на својот тим, го изрази своето разочарување. Тој проговори за тоа дека иако веќе е декември, не добил никаква понуда за нов договор. „Играм во Ливерпул веќе многу години и клубот ми е како дом, но моето останување тука не зависи само од мене. Сè уште не знам што ќе се случи со мојата иднина, иако ги сакам навивачите и тие мене. Меѓутоа, крајната одлука не е во мојте раце“, изјави Салах. Во продолжение, тој откри дека е разочаран од спорите преговори, но истовремено нагласи дека не размислува за пензија и дека се концентрира на успешна сезона, посакувајќи да ја освои Премиер лигата и Лигата на шампионите. „И покрај разочарувањето, јас сум професионалец и ќе продолжам да играм на највисокото ниво, посветен на тимот“, додаде тој. Според англиските медиуми, вистинската причина за застојот во преговорите не е тоа што Ливерпул не сака да го задржи Салах, туку што клубот не е подготвен да му гарантира четиригодишен договор, како што бара фудбалерот. Иако тој сака да потпише договор до 37 или 38 години, Ливерпул има резерви поради неговите години, сметајќи дека е ризично да се обезбеди толку долг и скап договор за играч кој брзо ќе ги премине своите најдобри години. Тимот од „Енфилд“ сака да го задржи Салах, но не и да му исплати рекордна плата до неговите подоцнежни години. Затоа, сè уште нема официјална понуда за продолжување на соработката, а договорот на Салах истекува следното лето. Ако брзо не се постигне договор, египетскиот напаѓач може да заврши во Саудиска Арабија, каде што клубовите веќе покажаа интерес за него со огромни понуди. Џејми Карагер, легенда на Ливерпул, изрази разочарување од барањата на Салах, сметајќи дека е „себично да се побараат такви услови на 33 години“. „Во овој момент, јасно е дека постојат јасни разлики помеѓу тоа што мисли клубот и што размислуваат Салах и неговиот агент за тоа колку долго треба да трае тој нов договор. Значи, причината зошто Ливерпул досега не излезе со понуда е затоа што Салах би ја одбил понудата. Тие преговараат и навистина се надевам дека ќе најдат заеднички јазик“, изјави Карагер.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |