Крај на една ера: Стефан Ристовски си заминува од Динамо Загреб со емотивно збогување

June 14, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Крај на една ера: Стефан Ристовски си заминува од Динамо Загреб со емотивно збогување

Динамо Загреб и официјално потврди дека Стефан Ристовски повеќе не е дел од клубот. Иако македонскиот репрезентативец не мина деценија на „Максимир“, за кратко време успеа да стане симбол на пожртвуваност, страст и искрена љубов кон клубот и навивачите. Ристовски секогаш отворено зборуваше за блискоста со дресот на Динамо, а неговите настапи беа доказ за тоа. И покрај тоа што во последната сезона загуби дел од својата минутажа и падна во поредокот, заминувањето не е обично – туку исполнето со емоции и благодарност од сите страни. Неговото влијание не се мери само во натпревари, голови или асистенции, туку во начинот на кој ја носеше капитенската лента, со срце и без задршка. Навивачите го нарекоа „свој“, а клубот го прегрна како лидер на генерација што испиша златни страници во историјата на хрватскиот гигант. Во продолжение следува целосното емотивно писмо што Ристовски го упати: „Мили сини, мил Динамо... Дојде денот за разделба и по првпат сум вака тажен, тивок и празен. А знаете дека секогаш со вас, со тимот бев полн со енергија за победи. Викав, се борев и искрено се радував до крај. Ви благодарам што на мене и моето семејство гледавте како да сме дел од вас, со љубов, навивање и респект. Каква убава приказна беше ова, прекрасна лекција за спорт, емоции, но и животот и ви благодарам за тоа од срце. Во целата кариера работев напорно, ги почитував и бранев нашите бои на теренот и надвор од него. Ги почитував односите со навивачите, со моите соиграчи така како што ме научија моите родители и јас ги учам своите деца кои растат и се радуваат со Динамо. Освоивме многу трофеи, остваривме историски успеси, се докажавме многу пати во Европа. Имав ретка чест и прилика да бидам капитен на овој сакан тим и да одиграм преку 180 натпревари за Динамо. Драги навивачи, ќе останете засекогаш во моето срце исто како и клупските бои и тоа со наш победнички стил, така како што ме научивте вие со вашата љубов кон Динамо. Што да додадам, а да ја сокријам тагата... Се разделуваме како пријатели, како двајца кои се сакаат. Засекогаш ќе ги носам нашите бои гордо и секогаш ќе дишам за Динамо. Во животот ме води еден цитат: „Нема предавање. Над сите, Динамо!“. Ви благодарам сини, ти благодарам Динамо, ти благодарам Загреб и на сите во Хрватска. Ве сака, вашиот Риле“, напиша македонскиот бек.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.