Ливерпул в недела може да ја обезбеди Премиер лигата

April 18, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Ливерпул в недела може да ја обезбеди Премиер лигата

Ливерпул се наоѓа на прагот на историски успех, бидејќи веќе во недела може и математички да ја осигура шампионската титула во Премиер лигата. Доколку се оствари овa сценарио, тоа ќе биде 20. титула во англиското првенство за клубот од „Енфилд“, со што ќе се израмнат со најтрофејниот Манчестер Јунајтед. Шест кола пред крајот на сезоната, „црвените“ имаат комотна предност од 13 бодови пред Арсенал. Победа на гостувањето кај Лестер, во комбинација со триумф на Ипсвич над Арсенал, би значела и официјално враќање на титулата во Мерсисајд. Сепак, тренерот Арне Слот не дозволува еуфорија и останува фокусиран на секој следен чекор. На денешната прес-конференција тој изјави: „Искрено, не размислувам за тоа, но не сум сигурен дали ми верувате. Не гледам многу наназад, ниту напред – таков сум.“ Доколку Слот успее да ја донесе титулата во својата прва сезона, ќе се придружи на елитната група тренери кои истото го постигнале: Жозе Мурињо (Челси, 2004/2005), Карло Анчелоти (Челси, 2009/2010), Мануел Пелегрини (Манчестер Сити, 2013/2014), Клаудио Раниери (Лестер, 2015/2016) и Антонио Конте (Челси, 2016/2017).

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.