July 4, 2024 | | Свет
Поранешниот играч на Милан кој сега е во управата на клубот како советник, Златан Ибрахимовиќ денеска откри дека поранешниот директор на ЛА Галакси, Јован Кировски ќе биде одговорен за академијата на Милан, вклучувајќи го и вториот тим на „росонерите“, Милан Футуро. Ибрахимовиќ информира дека Јован Кировски, кој има македонско потекло, ќе биде главен на проектот а Даниеле Бонера ќе биде тренер на вториот тим на „росонерите“. „Кировски ќе биде главен на Милан Футуро. Има играно за многу клубови и доаѓа од САД. Работеше во ЛА Галакси, и тој е фудбалски работник од висок профил. Тренер ќе биде Даниеле Бонера, кој има огромно искуство како фудбалер и долги години го носеше дресот на Милан“, вели тој. Тој го објасни и назначувањето на Кировски. „Кировски ќе биде одговорен за растот на академијата. Ќе биде задолжен за трансфери и ќе биде одговорен за Милан Футуро и другите младински тимови. Ни беше потребен некој кој ја има истата амбиција и визија како нас. Некој кој го зборува истиот јазик како нас. Сакаме фудбалски работници од висок профил во секој оддел од клубот. Сакаме да бидеме најдобри и да дадеме се од себе“, вели Ибрахимовиќ. Јован Кировски е роден во Калифорнија како син на македонски имигранти. Фудбалската кариера главно му е во Европа, а почнува во младинската школа на Манчестер јунајтед но никогаш не успеа да дебитира за првиот тим. Настапувал и за Борусија Дортмунд, Фортуна Келн, Спортинг Лисабон, Кристал Палас, Бирмингем Сити, Лос Анџелес Галакси, Колорадо Рапидс и Сан Хосе. Кариерата ја заврши во ЛА Галакси, каде остана да работи и стана технички директор. Тој беше еден од главните виновници за трансферот на Златан Ибрахимовиќ во САД, токму во редовите на ЛА Галакси.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |