Манчестер Јунајтед испушти победа во 95. минута: Черки го спаси Лион! (ВИДЕО)

April 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Манчестер Јунајтед испушти победа во 95. минута: Черки го спаси Лион! (ВИДЕО)

Лигата на Европа понуди три возбудливи четвртфинални пресметки, но без победник на ниту еден од натпреварите. Во Шкотска, Глазгов Ренџерс и покрај тоа што играше со играч помалку успеа да извлече 0-0 против Атлетик Билбао. Во Лондон, Ајнтрахт Франкфурт не го задржа водството и одигра 1-1 со Тотенхем – за Германците стрелаше Екитике, додека за домаќините Педро Поро. Манчестер Јунајтед не успеа да ја круниса добрата игра со победа на тешкото гостување кај Лион. Стартот на натпреварот во Франција не донесе некое поголемо возбудување од двете страни, но отворениот фудбал што го играа двата тима сепак понуди моменти за паметење. Иако се чинеше дека англискиот тим ќе замине дома со победа, Черки во последните секунди со мајсторски лоб удар го совлада Онана и донесе ерупција на трибините – 2-2. Лион прв дојде до предност, и тоа по груба грешка на Андре Онана кој претходно ја потцени француската екипа во изјава што предизвика доста реакции. По таа грешка, Алмада го казни Манчестер Јунајтед и донесе предност за домаќините. Меѓутоа, тоа не ги обесхрабри гостите – Лени Јоро, младиот дефанзивец, постигна израмнувачки погодок со глава во судиското надополнување од првото полувреме и се запиша во историјата со својот прв гол за Јунајтед. Во второто полувреме се играше уште поотворено. Лион ја имаше најголемата шанса преку Микатуадзе, кој не успеа да го совлада Онана од идеална позиција. Од друга страна, резервистот Зиркзе постигна прекрасен погодок со глава и донесе водство за „ѓаволите“, кои беа на чекор до голема победа. Факт е дека и покрај динамиката на мечот, дефанзивците во клучни моменти беа поконцентрирани од напаѓачите. Сепак, Манчестер Јунајтед прокоцка огромна шанса за триумф на гостински терен, а Черки, играч за кого се шпекулира дека е на радарот на Јунајтед, ги казни нивните пропусти и постави конечни 2-2. Реваншите се закажани за следната недела, а исходите од овие први мечеви ветуваат нови драми и неизвесности.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.