Мареска: Ова е заебанција, не е фудбал!

June 29, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Мареска: Ова е заебанција, не е фудбал!

Челси го декласираше португалскиот гигант Бенфика со 4-1 и обезбеди место во четвртфиналето од Светското клупско првенство, но спектаклот што се одигра во САД ќе се памети и по уште нешто — натпреварот траеше речиси пет часа! Сè започна нормално – „сините“ поведоа во 64. минута, но во 86-та се случи нешто што нема многу врска со фудбалот: мечот беше прекинат поради безбедносен протокол кој наложува прекин од најмалку 30 минути доколку има грмотевици во радиус од 13 километри. Овојпат, паузата траеше цели два часа, иако невремето не се ни појави! Натпреварот, кој почна во 16:00 по локално време, заврши дури во 20:40. Кога конечно се вратија на терен, Ди Марија донесе израмнување од пенал, но Челси беше немилосрден во продолженијата — постигна три гола и стави печат на една навистина необична вечер. Тренерот на Челси, Енцо Мареска, не ги криеше фрустрациите. „Ова не е фудбал, ова е заебанција. Разбирам дека безбедноста е важна, но ако натпреварите се прекинуваат на два часа – можеби ова не е вистинската земја за ваков турнир.“ Американските правила за безбедност на отворени настани се строго дефинирани, но токму тие предизвикуваат големо незадоволство кај клубовите и навивачите — особено со оглед на тоа што истиот протокол ќе важи и за Светското првенство 2026. Челси во следната фаза ќе игра против Палмеирас.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.