Миовски: Сезоната во Шпанија не беше успешна, но сум имал и потешки моменти во кариерата!

June 11, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Миовски: Сезоната во Шпанија не беше успешна, но сум имал и потешки моменти во кариерата!

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски ја заврши својата дебитантска сезона во Ла Лига без премногу сјај, но со одлучност дека најдоброто допрва доаѓа. По трансферот вреден 7,5 милиони евра од шкотскиот Абердин во Џирона, од него се очекуваше многу, но реалноста беше нешто поинаква. Со само четири гола на 22 настапи и сè поретка минутажа во вториот дел од сезоната, Миовски го заврши првиот шпански фудбалски предизвик со горчлив вкус. Во интервју за „Rg.org“, тој искрено зборуваше за тешкотиите, но и за вербата која не го напушта. „По репрезентативната пауза во март бев во одлична форма. Постигнав голови, асистирав, мислев дека ќе го пренесам тоа и во Џирона. Но тренерот имаше поинаква визија. Го почитувам тоа, иако беше тешко“, изјави Миовски. Тој се осврна и на некои болни моменти, вклучително и промашениот пенал при дебито во Лигата на шампионите – но и на своето искуство од претходните, уште потешки фази во кариерата. „Имало моменти кога не играв ни во Македонија, седев на трибини. Тоа ме изгради. Никогаш не се откажав. Знам дека ова не беше сезона од соништата, но гледам напред. Ќе видиме што ќе донесе следната.“ Миовски за две сезони во Абердин постигна 42 гола и стекна статус на клупска легенда, што ја отвори вратата за настап во една од најсилните европски лиги. Сега, тој ќе се обиде да се етаблира на шпанската сцена, со надеж дека втората сезона во Џирона ќе биде негова преродба.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.