Модриќ на промоцијата во Милан: Не смееме да се задоволиме со просечност – дојдов по трофеи

August 4, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Модриќ на промоцијата во Милан: Не смееме да се задоволиме со просечност – дојдов по трофеи

Лука Модриќ и официјално беше промовиран како нов фудбалер на Милан, а на својата прва прес-конференција испрати јасна порака – „росонерите“ мора да се борат за трофеи. Иако трансферот беше договорен уште минатиот месец, Хрватот денеска за првпат застана пред новинарите поради обврските со Реал Мадрид на Светското клупско првенство и продолжениот одмор. „Пораснав гледајќи Калчо и Милан секогаш ми бил омилен клуб. Во Хрватска имаше огромна армија навивачи, а мојот идол Бобан играше овде, па секогаш сум имал наклонетост кон овие бои“, изјави Модриќ. Тој додаде дека Милан не смее да се задоволи со обичен настап во Лигата на шампионите. „Милан е еден од најголемите клубови во светот, со седум титули во Лигата на шампионите. Настап во тоа натпреварување може да биде минимум цел, но јас сакам трофеј. Ова не е само моја амбиција, тоа треба да биде амбиција на сите во клубот.“ На прашањето што ќе му донесе на тимот, Модриќ порача. „Ќе понудам искуство, максимален ангажман и поддршка на сите соиграчи. Знам дека очекувањата се големи, но подготвен сум.“ Модриќ се осврна и на фактот дека ќе игра со 40 години во Милан, како Златан Ибрахимовиќ. „Се надевам дека нешто слично може да се случи и сега, би бил пресреќен доколку ја повториме таа приказна.“

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.