Мурињо за Бенфика: Кој сум јас да критикувам одбрана, и јас сум паркирал автобус

August 22, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Мурињо за Бенфика: Кој сум јас да критикувам одбрана, и јас сум паркирал автобус

Фенербахче и Бенфика одиграа без голови (0-0) во Истанбул во првиот натпревар од плеј-офот за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. Дуелот донесе повеќе тактички надмудрувања отколку вистински шанси за гол, а централна тема по мечот беше дефанзивниот пристап на португалскиот гигант. Особено во последните 20 минути, кога Бенфика остана со играч помалку по исклучувањето на Флорентино (втор жолт картон), гостите целосно се повлекоа и ја ставија својата одбрана на големо искушение. Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо, по мечот изјави дека нема намера да ја критикува таквата стратегија. „Едниот тим сакаше да одигра нерешено – и го доби тоа. Другиот тим сакаше да победи, но не успеа. Нивната тактика беше фокусирана на одбрана, тоа е нивно право со оглед на тоа каков беше влогот. Стигнаа до резултатот кој го сакаа.“ Во свој препознатлив стил, „Специјалниот“ се потсети и на сопствената тактика од времето кога со Интер играше против Барселона. „Кој сум јас да ги критикувам? И јас еднаш играв со десет дефанзивци против Барселона.“ Реваншот меѓу Бенфика и Фенербахче се очекува со уште поголем интерес, бидејќи пласманот во групната фаза носи огромен престиж и значителни финансиски приходи.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.