Навивачи на Интер сакаа да се вратат на стадионот за продолженијата, но беа одбиени (ВИДЕО)

May 7, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Навивачи на Интер сакаа да се вратат на стадионот за продолженијата, но беа одбиени (ВИДЕО)

Интер е првиот финалист на Лигата на шампионите оваа сезона, по уште една неверојатна драма против Барселона каде двомечот заврши со вкупни 7:6 во корист на „нераѕурите“, а реваншот во Милано донесе уште една фудбалска лудница која ќе се памети долго. По ремито 3:3 во првиот натпревар во Каталонија, сличен спектакл се повтори и на „Џузепе Меаца“. Интер поведе со головите на Лаутаро Мартинез и Хакан Чалханоглу, но Барселона одговори со погодоците на Ерик Гарсија, Дани Олмо и Рафиња, кој во 87. минута погоди за привремено водство од 2:3 и, на момент, елиминација за Интер. Тоа беше и моментот што дел од домашните навивачи не го издржаа, па го напуштија трибините пред крајот, убедени дека нивниот тим е веќе надвор од натпреварувањето. Но, шест минути подоцна, Франческо Ачерби со гол во 93. минута ги врати надежите на Интер и го однесе мечот во продолженија. Ситуацијата стана уште поиронична кога фановите кои го напуштија стадионот се обидоа да се вратат откако дознаа за голот, но обезбедувањето не им дозволи повторен влез. Како шлаг на тортата, Давиде Фратеси во 99. минута го постигна победничкиот гол за Интер, кој ја обезбеди нивната вкупна победа од 7:6 и пласманот во големото финале.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.