Нов шок за навивачите на Јунајтед: Се воведува „Лична лиценца за седиште“ за новиот стадион

July 24, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Нов шок за навивачите на Јунајтед: Се воведува „Лична лиценца за седиште“ за новиот стадион

Манчестер Јунајтед размислува да наплаќа до 4.000 фунти – само за правото да се купи сезонска билетa за нивниот планиран нов стадион. Според информациите на Daily Mail, се разгледува воведување на многу контроверзен систем наречен „Лична лиценца за седиште“ (Personal Seat Licence – PSL) – практика која е честа во САД, но досега не е применета во Премиерлигата. Ова било едно од неколкуте предлози презентирани на навивачите од страна на американските консултанти CSL International. Иако од Јунајтед нагласуваат дека сè уште нема конечна одлука и дека се на ниво на разгледување, ваквиот потег би значел дека навивачите ќе мора да платат илјадници фунти однапред, а потоа дополнително да го купуваат сезонскиот билет. Со овој систем, кој често се користи во САД за делумно финансирање на нови стадиони, навивачите кои ќе платат PSL би имале прво право да го откупат своето место за следните 30 години. Но, доколку не го купат сезонскиот билет, автоматски би ја губеле лиценцата. По доаѓањето на ко-сопственикот Сер Џим Ратклиф и неговата група Ineos, Јунајтед ги претстави концепт-дизајните изработени од реномираниот архитект Лорд Норман Фостер за нов стадион со капацитет од 100.000 места, кој треба да се гради до „Олд Трафорд“. Се проценува дека ваков стадион би чинел над 2 милијарди фунти. Клубот бара владина поддршка за пошироката инфраструктура во рамки на проектот за голема урбана реновација, но средствата за изградба на стадионот планира да ги обезбеди самостојно.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.