Нов скандал во најава: Мбапе ќе биде суспендиран само еден натпревар за крвничкиот старт

April 14, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Нов скандал во најава: Мбапе ќе биде суспендиран само еден натпревар за крвничкиот старт

Реал Мадрид успеа да слави против Алавес, благодарение на погодокот на Едуардо Камавинга, кој беше постигнат непосредно пред исклучувањето на Килијан Мбапе. Со оваа победа, „кралевите“ остануваат во трка за шампионската титула, задржувајќи ја разликата од четири бода зад лидерот Барселона. Сепак, славјето беше засенето од инцидентот со францускиот напаѓач. Мбапе доби директен црвен картон поради остар старт врз Антонио Бланко во натпревар од 31. коло во Ла Лига. Првичните најави зборуваа за строга казна, можеби и четири натпревари суспензија, што ќе значеше и отсуство од финалето на Купот на кралот. Но, новите информации од „Ел Мундо“ покажуваат дека главниот судија, Сесар Сото Градо, во својот извештај навел дека Мбапе ја барал топката при стартот, што би можело да ја ублажи казната. Гледајќи го стартот каде истиот го погледна главниот судија на ВАР, јасно се гледа дека во никој случај не станува збор за борба за топката, туку чиста намера за старт. За вакви груби стартови, правилата на РФЕФ велат дека суспензијата е од 4 до 12 натпревари. Се очекува дисциплинската комисија да го суспендира Мбапе на еден до максимум три натпревари, што би му овозможило да се врати навреме за клучните дуели во финишот од сезоната.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.