Одбил да игра на ЕП оти сакал да биде навивач

June 13, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Одбил да игра на ЕП оти сакал да биде навивач

Несекојдневна вест ни доаѓа од Грузија каде фудбалерот Џаба Канкава реши да оди во репрезентативна пензија пред самиот турнир. Имено, тој беше повикан од селекторот на Грузија за да игра на ова Европско првенство, но откако прво тој ги однесе на овој турнир, сега реши да биде само во улога на поддржувач. Тој веќе еднаш се повлече од репрезентацијата во 2022 година, но потоа се премисли за да ѝ помогне на Грузија во квалификациите за ЕУРО 2024. Грузија со него во тимот го оствари сонот каде избори пласман на ЕУРО преку баражите од Лига на нации. Селекторот Вили Сањол го објави списокот со фудбалери кои ќе играат на ова Европско првенство за Грузија, но два дена подоцна Канкава се јави со одлука дека се повлекува од репрезентацијата и во Германија ќе патува, ама како навивач. „Сакам нашата селекција да оствари што е можно подобар резултат во Германија и уште еднаш да слави со грузиските навивачи, како што беше на 26 март во Тбилиси. Драго ми е што бев со тимот во полуфиналето и финалето на плеј-офот и станав учесник во оваа историска победа. Но, донесов одлука на ова првенство да не одам како играч, туку како обичен навивач“, рече тој. Тој сѐ уште нема кажано ни дали целосно ќе се повлече од фудбалот или само од селекцијата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.