„Овој Ливерпул многу личи на Јунајтед на Фергусон“

December 23, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

„Овој Ливерпул многу личи на Јунајтед на Фергусон“

Гери Невил кој е актуелен аналитичар на „Sky Sports“, го спореди сегашниот состав на Ливерпул со славниот тим на „црвените ѓаволи“, кој под водство на сер Алекс Фергусон доминираше во Премиер лигата. Според Невил, една од најголемите предности на екипата на Ливерпул е нивната способност да се прилагодуваат на различни стилови на игра во текот на еден натпревар. „Оваа екипа на Ливерпул во некои аспекти ме потсетува на Манчестер Јунајтед, за кој јас играв. Го гледам Трент Александер-Арнолд како Дејвид Бекам – испраќа неверојатни центаршутеви. Има многу трчање, многу играчи кои се движат напред. Но, најистакнатиот квалитет е нивната разновидност во играта. Во еден натпревар, тие применуваат три или четири различни стилови: долги топки, контранапади, компактен фудбал. Почнуваат со висок пресинг, а потоа целосно се трансформираат. Оваа флексибилност е нивната голема предност.“ Невил исто така нагласи дека Ливерпул го изненадил оваа сезона со својата способност за адаптација и зрелост на теренот, нешто што го потсетува на успехот на неговиот поранешен тим. „Мислев дека играчите стануваат роботизирани и прават само она што им го кажува тренерот. Но оваа екипа на Ливерпул покажува независно размислување, знаат што бара еден натпревар. Тоа ме потсетува на нас. Ливерпул е многу подобар отколку што мислев дека ќе биде оваа сезона“, изјави Невил. Ливерпул моментално е лидер на табелата во Премиер лигата со 39 бода, четири повеќе од Челси, и има натпревар помалку.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.