Пандев за Елмас: Може уште да се подобри, Торино е совршен клуб за него

March 5, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Пандев за Елмас: Може уште да се подобри, Торино е совршен клуб за него

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас во јануари пристигна во Торино на позајмица од Лајпциг, а неговиот брз старт во новиот клуб веднаш привлече внимание. За само 180 минути на теренот, тој веќе постигна два гола во три настапи против Болоња и Монца во Серија А. Поранешниот македонски репрезентативец Горан Пандев во интервју за „Гаѕета“ изјави дека не е изненаден од добриот старт на Елмас во дресот на Торино. „Очекував дека ќе му оди добро, бидејќи Торино е совршено место за него. Се гледа дека сега игра со самодоверба. Во Лајпциг немаше сигурност, не добиваше доволно шанси, но во Италија веднаш се вклопи“, изјави Пандев. Токму Пандев беше оној кој му препорача на Елмас да ја прифати понудата на Торино. „Да, разговаравме во Лајпциг кога бев во Германија, вечеравме заедно. Му реков дека ова е одлична можност за него, Торино е голем клуб и идеално место за негов развој. Тој веќе го познаваше италијанскиот фудбал, што е голема предност“, откри Пандев. Елмас не е странец во Серија А, бидејќи претходно настапуваше пет години за Наполи, со кој во сезоната 2022/23 ја освои титулата во италијанското првенство. Пандев верува дека Елмас може уште повеќе да напредува. „Во последните години играше на различни позиции, како крилен напаѓач, офанзивен играч за врска, а дури и како напаѓач покрај мене. Тој е фудбалер кој може да трча насекаде“, додаде Пандев.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.