Познато како пропаднал трансферот на Нико Вилијамс во Барселона

July 4, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Познато како пропаднал трансферот на Нико Вилијамс во Барселона

Нико Вилијамс денеска и официјално го продолжи договорот со Атлетик Билбао до 2035 година со што пропадна трансферот во Барселона, второ лето по ред. Според Cadena SER, наводно Нико никогаш не бил вистинска опција на листата на Барселона, но бил понуден на клубот од страна на неговиот агент, кој иницијативно стапил во контакт и потоа лично отпатувал за да оствари средба со раководството на каталонскиот гигант. За време на состанокот, агентот ги уверувал челниците на Барса дека Нико сега е поискусен и подготвен за трансфер, како и дека Атлетик Билбао би можел да го пушти под поповолни услови – на пример, исплата на откупната клаузула на рати. Но, штом во јавноста протече веста за средбата, Баскијците експресно ставија јасно до знаење: нема да преговараат со Барселона под никакви околности. Барса, сепак, постигнала личен договор со фудбалерот и дури ги подготвила средствата за активирање на клаузулата за откуп, но преговорите почнале да се одолговлекуваат откако агентот на Нико вовел нови, сложени услови. Меѓу нив била и клаузула според која, ако не биде регистриран до 20 август, Нико би станал слободен играч. Каталонскиот клуб ги сметал овие барања за неприфатливи и почнал да сфаќа дека трансферот ќе пропадне. Агентот молчел сè до минатата среда, кога информирал дека ќе се одржи состанок со фудбалерот и неговиот најблизок круг за да се донесе конечна одлука. Денеска Барселона и официјално била известена дека Нико останува во Билбао – одлука што ја насетувале денови наназад, но која сепак ги изненадила. И покрај сликата што агентот се обидувал да ја наметне, дека Нико е зрел и подготвен за нов чекор, во клубот доминира впечатокот дека тој говори едно додека е со репрезентацијата, а се однесува сосема поинаку кога се враќа во Билбао. Дополнително, сметаат дека блиските врски на агентот со Атлетик Билбао одиграле клучна улога во уривањето на трансферот што Барселона била подготвена целосно да го реализира.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.