Реал не му попушта на Винисиус, може да замине и бесплатно!

August 28, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Реал не му попушта на Винисиус, може да замине и бесплатно!

Преговорите меѓу Реал Мадрид и Винисиус Жуниор за нов договор влегле во сериозна криза. Главната пречка е барањето на бразилската ѕвезда да стане најплатен играч на тимот, нешто што „кралевите“ категорично одбиваат. Реал Мадрид инсистира платната структура да остане непроменета, а на врвот на списокот да биде Килијан Мбапе, кој неодамна пристигна на „Сантијаго Бернабеу“. Претседателот Флорентино Перез и неговите најблиски соработници се решени да не дозволат нарушување на хиерархијата во соблекувалната. Во моментов сите преговори се стопирани и нова рунда разговори се очекува за неколку месеци. Сепак, како што пишуваат шпанските медиуми, многу е веројатно сериозни преговори да се водат дури следното лето. Доколку Винисиус не прифати услови во рамките на поставените параметри, клубот ќе биде подготвен да го стави на продажба. Според „Ел Чирингито“, Реал Мадрид дури е подготвен на крајно драстичен потег – да му дозволи на Винисиус да си замине бесплатно во 2027 година, кога истекува неговиот договор, но под никакви услови нема да му ја одобрат платата што ја бара. Иако ситуацијата изгледа затегната, во клубот веруваат дека во наредниот период сепак може да се најде компромис, бидејќи Винисиус е еден од најважните играчи во проектот на Перез и Алонсо.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.