Рибери: Непрвада е што не ја добив Златната топка во 2013 година

March 22, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Рибери: Непрвада е што не ја добив Златната топка во 2013 година

Франк Рибери, поранешната ѕвезда на Баерн Минхен и француската репрезентација, во интервју за „Лекип“ се осврна на својата фантастична сезона 2012/13 година, кога со баварскиот клуб ја освои тројната круна – Бундеслигата, Лигата на шампионите и Купот на Германија. Според него, таа година заслужувал да ја освои Златната топка. „Тоа беше совршена сезона, не можев да направам ништо подобро. Оваа Златна топка засекогаш ќе остане неправда. Сè уште не разбирам зошто рокот за гласање беше продолжен за повеќе од петнаесет дена“, изјави Рибери. Во гласањето, Кристијано Роналдо освои 27,99% од гласовите, Лионел Меси 24,72%, додека Рибери заврши трет со 23,36%. Овој исход и ден-денес му останува тешко прифатлив. Французинот верува дека тогаш бил на врвот на својата кариера. „Меси и Роналдо секогаш ми покажуваа почит. Тие знаеја дека седам на нивната маса. Искрено, во 2013 година немав на што да им завидувам“, истакна тој. Рибери одигра 12 сезони за Баерн Минхен, освојувајќи 23 трофеи, меѓу кои девет титули во Бундеслигата, шест купови, Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство во 2013 година. За Баерн настапи на 425 натпревари, постигна 124 гола и запиша 182 асистенции.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.