Руни: Треба да заминат 10-15 играчи, би задржал само двајца играчи

March 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Руни: Треба да заминат 10-15 играчи, би задржал само двајца играчи

Вејн Руни, легендата на Манчестер Јунајтед и нивни најдобар стрелец во историјата, смета дека тимот изгледа „изгубено“ и „исплашено“ на теренот, а дури 10 до 15 играчи треба да заминат од клубот. Јунајтед моментално се наоѓа на 14. место во Премиер лигата со само 34 бодови, забележувајќи девет победи од 28 одиграни натпревари оваа сезона. Тимот веќе испадна од двата домашни купа, а последната шанса за некаков трофеј е Лигата на Европа, каде што в четврток ги очекува реваншот од осминафиналето против Реал Сосиедад на Олд Трафорд. По смената на Ерик тен Хаг, кој беше отпуштен, новиот менаџер Рубен Аморим не успеа значително да ја подобри формата на екипата, освојувајќи само пет победи во 17 натпревари во Премиер лигата. Руни беше искрен кога во подкаст беше запрашан дали со сегашниот состав има простор за препород на клубот. „Потребни се промени, и тоа драстични промени. Ремонт во играчкиот кадар, кога велам ремонт, мислам на заминување на 10 до 15 фудбалери кои сезонава играат за Јунајтед. Јасно ми е дека тоа е голема бројка и најверојатно нема да се случи, но тоа е она што е потребно. Ако се прашувам јас, би останале само двајца од овој тим, Бруно Фернандеш и Коби Маино, сите други би биле на трансфер-листа“, изјави Руни. Тој ги коментираше и досегашните резултати на Аморим. „Мислам дека ќе добие шанса, ќе има време да ја подготви екипата летово и да видиме како ќе се движат работите во новата сезона. Малку ми е смешно, Аморим упорно повторува дека сака да ја освои Премиер лигата, но како може да го стори тоа кога толку многу заостанува во секој поглед. Тренерите веќе немаат време како пред 10-15 години, сега од нив се бара брз успех. Тој ќе добие шанса летово, но потоа од него ќе се очекува резултат, а наивно е сега да слушаме како тренерот изјавува дека овој тим на Јунајтед сака да биде шампион“, прокоментира Вејн Руни.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.