Шпански судија: „Реал нема никаков доказ, ја туркаат приказната кога не им оди!“

October 2, 2026 | Kristijan Trajchov | Свет

Шпански судија: „Реал нема никаков доказ, ја туркаат приказната кога не им оди!“

Поранешниот шпански судија Едуардо Итуралде Гонзалес жестоко го коментираше најновиот развој во случајот „Негреира“, откако УЕФА потврди дека примила „значителна количина документи“ од Реал Мадрид поврзани со истрагата за Барселона. Итуралде смета дека самото доставување на документацијата не менува ништо во случајот, бидејќи УЕФА предметот го следи уште од 2023 година. „Ова не менува ништо. УЕФА само информира дека е доставена дополнителна информација во случај што го проучува од 2023 година“, изјави Итуралде за „El Larguero“. Тој беше особено директен во коментарот за наводните 50.000 страници документација. „Ако имате 50.000 страници кои имплицитно докажуваат спортска корупција, тогаш треба да ги доставите до надлежниот суд, а не до УЕФА.“ Итуралде дополнително тврди дека во досегашната истрага не е докажано влијание врз судиите. „Во три години, Граѓанската гарда не докажа дека имало влијание врз кој било судија. Ако нема влијание врз судиите, тогаш нема спортска корупција“, порача поранешниот арбитар. Итуралде ја критикуваше и стратегијата на Реал Мадрид, посочувајќи дека клубот сега бара од УЕФА брзо да реагира, додека според него во Шпанија самиот Реал со барања за продолжување на постапката придонесувал за нејзино одолговлекување. Тој се осврна и на Суперлигата, потсетувајќи дека Реал Мадрид и Барселона претходно настапуваа заедно во тој проект. „Кога одеа заедно во Суперлигата, сите беа обединети и немаше толку голема брзање. Сега, откако се разделија од проектот, ситуацијата изгледа поинаку“, смета Итуралде. Од друга страна, Реал Мадрид тврди дека доставил обемна документација и докази за, како што наведува клубот, сериозни прашања поврзани со интегритетот на натпреварувањето, и бара истрагата да напредува со најголема брзина. УЕФА засега потврди дека ја примила документацијата и дека таа ќе биде разгледана во рамките на тековната постапка.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.