Со една трампа Јувентус и Милан планираат да си ги решат проблемите

June 16, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Со една трампа Јувентус и Милан планираат да си ги решат проблемите

Италијанските медиуми пренесуваат дека Јувентус и Милан би можеле да влезат во сензационална трампа во која би се вклучиле двајца од највредните играчи на двете екипи – Душан Влаховиќ и Тео Ернандез. Двајцата имаат договори со своите клубови до јуни 2026 година, но засега нема индиции дека ќе се продолжат, што ги става клубовите под притисок – или ќе ги продадат наскоро, или ќе ризикуваат да ги изгубат без надомест. Со директна трампа, и Јувентус и Милан би си решиле стратегиски прашања – торинскиот клуб добива врвен лев бек, додека „росонерите“ конечно би го засилиле нападот со класичен голгетер. Дополнително, во сметководствена смисла, трансферот може да биде „наштелуван“ така што двете страни ќе прикажат финансиски плус во своите биланси, благодарение на амортизацијата и книговодствените вредности. Најголемата пречка во реализацијата на оваа зделка е платата на српскиот напаѓач, кој во сезоната 2025/26 би требало да заработува околу 12 милиони евра годишно – сума која е над платниот праг на Милан. Сепак, преговорите (ако започнат) би можеле да вклучуваат компензација преку бонуси, делумно покривање на платата или пак Влаховиќ би можел да прифати намалување на примањата доколку трансферот значи повеќе минути и клучна улога во Милано.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.