Сосиедад и Реал му оддадоа признание на поранешниот селектор на Македонија (ВИДЕО)

September 14, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Сосиедад и Реал му оддадоа признание на поранешниот селектор на Македонија (ВИДЕО)

Велшката фудбалска легенда Џон Тошак беше во центарот на вниманието на натпреварот меѓу Реал Сосиедад и Реал Мадрид во Сан Себастијан. Поранешниот тренер на двата клуба доби посебно признание пред почетокот на мечот – играчите на двата тима се поздравија со него, а од управите на клубовите доби пригодни подароци и дресови. Тошак остави длабока трага и кај Сосиедад и кај Реал. Со баскијците од 1985 до 1989 година успеа да го освои Купот на Кралот, по што се пресели во Мадрид и во единствената сезона на „Сантијаго Бернабеу“ ја освои титулата во Ла Лига. Подоцна повторно седеше на клупата на Сосиедад (1991–1994), а во 1999 кратко време повторно беше тренер на Реал Мадрид. Македонската јавност го памети и како селектор на нашата репрезентација. Од август 2011 до август 2012 ја водеше Македонија на осум натпревари, со биланс од една победа и седум порази. Тошак ја напушти функцијата по несогласувања со тогашниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, бидејќи одби да се пресели во Македонија.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.