Судење во Бугарија: Си работи и си се клади од ВАР собата (ВИДЕО)

April 3, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Судење во Бугарија: Си работи и си се клади од ВАР собата (ВИДЕО)

Во последните години, местењето натпревари стана глобален проблем, но најновиот скандал кој доаѓа од Бугарија го насочува фокусот кон луѓето што треба да го гарантираат фер-плејот, а тоа се ВАР судиите и нивните технички асистенти. Додека многумина сметаа дека со воведувањето на ВАР ќе се елиминираат контроверзите, натпреварот меѓу ЦСКА и Локомотив Софија (1-0) покажа нешто сосема спротивно. Камерите, кои пред почетокот на мечот ја прикажуваа ВАР просторијата, случајно уловија шокантен момент. Имено, еден од операторите во собата разгледуваше апликација за обложување на својот мобилен телефон и најверојатно се обложуваше. Додека судијата Волен Чинков и неговиот асистент Стојан Арсов внимателно анализираа снимки, операторот, сместен веднаш до нив, изгледаше целосно отсутен сè додека не сфати дека е во кадар. Неговата изненадена реакција дополнително ги зголеми сомнежите кај навивачите и спортската јавност. Овој инцидент предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, а многумина бараат итна истрага. Иако не е официјално потврдено дали операторот навистина се обложувал на натпреварот, самиот факт што лице од ВАР собата воопшто разгледува вакви апликации во текот на мечот ја доведува во прашање веродостојноста на одлуките. Сега останува да се види дали фудбалските власти во Бугарија ќе преземат мерки за да спречат вакви инциденти во иднина и да ја вратат довербата во технологијата која требаше да донесе транспарентност, а не нови контроверзии.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.