May 21, 2025 | | Свет
Фудбалерите на Тотенхем ја освоија Лигата на Европа. Во големото финале во Билбао, „Петлите“ ја совладаа екипата на Манчестер Јунајтед со минимални 1:0. Херој на лондонскиот тим беше Бренан Џонсон, кој беше стрелец на единствениот гол на натпреварот. Со ова, Тотенхем стави крај на европскиот пост кој траеше цели 41 година, и конечно дојде до трофеј во натпреварувањата под капата на УЕФА. Последен пат тоа им успеа во сезоната 1983/84, кога го освоија тогашниот Куп на УЕФА. Манчестер подобро го започна натпреварот, Бруно Фернандеш прв се закани уште во 5. минута, но неговиот удар беше блокиран. Сепак, многу брзо ситуацијата се промени – Тотенхем почна сериозно да притиска. Во 10. минута, Поро се обиде да го пронајде Ришарлисон од крило, но Мазрауи реагираше пред Бразилецот. Само две минути подоцна, повторно „Петлите“ се заканија. Џонсон шутираше, потоа и Соланке, па Ришарлисон, но никој не успеа да го промени резултатот. Манчестер возврати во 16. минута преку Амад Диало, кој шутираше кон далечниот агол, но топката отиде покрај стативата. Се играше директно и во висок ритам, а погодокот дојде во самиот финиш од првото полувреме. Сè се случи во 42. минута – Бренан Џонсон доби топка од Сар од крило, успеа да истрча пред Шо и некако ја протна топката покрај Онана, кој слабо реагираше и мораше да ја вади од мрежата. Второто полувреме започна со шанса за Манчестер. Хојлунд доби топка од Диало и со глава шутираше над голот. Манчестер влезе поофанзивно во вториот дел и повторно се закани во 58. минута. Бруно Фернандеш центрираше по прекин, Викарио лошо интервенираше, но Соланке ја поправи неговата грешка. Потоа, за само две минути следуваше вистинско шоу – Диало ја расипа една добра акција по додавање од Доргу, а на другата страна Удоги го проигра Соланке во контра, но напаѓачот лошо се снајде и подобро ќе беше да не ја примаше топката. Најголемото возбудување се случи во 68. минута. Викарио катастрофално реагираше, голот беше празен, Хојлунд со глава се обиде да погоди, но тука се појави Мики ван де Вен и со акробатски потег ја исфрли топката од гол-линијата и го спаси својот тим. Манчестер во тие моменти жестоко напаѓаше, а во 73. минута имаше нова шанса. Мазрауи центрираше, а Бруно со глава во пад се обиде да постигне гол, но топката отиде крај голот. Во продолжението, Јунајтед тргна на сè или ништо, но на крај остана без ништо. Најблиску до погодок беа во судиското надополнување, кога Шо шутираше со глава, но Викарио го одбрани и тој обид и ја „заклучи“ мрежата за големото славје на лондонскиот тим.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |