Трансферот во Ла Лига неизвесен: Хајдук заинтересиран за Барди

January 23, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Трансферот во Ла Лига неизвесен: Хајдук заинтересиран за Барди

Енис Барди повторно е во центарот на вниманието откако официјално се раздели со Трабзонспор. Според шпанските медиуми, големи се шансите тој да се врати во Шпанија, а најсериозен кандидат за неговиот потпис е Ваљадолид, клуб во сопственост на легендарниот Роналдо. Ситуацијата за Барди се искомплицира во ноември, кога тренерот Шенол Ѓунеш одлучи да му забрани да тренира со првиот тим, заедно со уште тројца играчи. Последниот негов настап за Трабзон беше кон крајот на октомври, што само ги засили шпекулациите за неговото заминување. Барди веќе се поврзува со неколку клубови, меѓу кои и Динамо Загреб, но тој интерес исчезна по заминувањето на тренерот Ненад Бјелица. Во последните денови, „Јутарњи лист“ објави дека Хајдук Сплит е еден од тимовите кои сериозно го разгледуваат ангажманот на Барди. Нивниот текст истакнува дека Барди, како офанзивен играч од средниот ред со петгодишно искуство во шпанскиот Леванте, би донел значителен квалитет во тимот. Сепак, неговата пазарна вредност од 4,7 милиони евра, според „Трансфермаркт“, може да биде предизвик за хрватскиот клуб. За потсетување, дресот на Хајдук веќе го носи соиграчот на Барди од македонскиот национален тим, Александар Трајковски. Тимот од Сплит моментално го дели првото место во хрватското првенство со Риека, двата тима со по 36 поени, додека Динамо Загреб заостанува седум поени.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.