Трансформација на ВАР во Премиер лигата: Од следната сезона одлуките ќе бидат јавно соопштени

February 5, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Трансформација на ВАР во Премиер лигата: Од следната сезона одлуките ќе бидат јавно соопштени

Од следната сезона, судиите во англиската Премиер лига ќе ги соопштуваат своите одлуки преку микрофон на публиката на стадионот, откако ќе ја прегледаат снимката со помош на ВАР технологијата. Оваа практика веќе се тестира на полуфиналните дуели од Лига купот, а прва примена имаше на натпреварот меѓу Тотенхем и Ливерпул, кога беше поништен гол на „петлите“ поради офсајд. Главниот фудбалски директор на Премиер лигата, Тони Сколс, потврди дека ваквиот пристап ќе биде користен и во натпреварите од првенството. Покрај тоа, постои можност и полуавтоматската офсајд технологија да биде воведена уште пред крајот на оваа сезона. Првично, оваа технологија требаше да биде имплементирана веднаш по репрезентативната пауза во првиот дел од сезоната, но одредени технички проблеми го одложија нејзиното активирање. Сепак, Сколс истакна дека во последните неколку недели е постигнат значителен напредок во процесот на тестирање и дека верува во прецизноста на системот. „Морам да признаам, поради почетните потешкотии бев скептичен, но напредокот во последните четири до шест недели е навистина значаен“, изјави Сколс, додавајќи дека активирањето на новата технологија при самиот крај на сезоната нема да влијае врз интегритетот на натпреварите. Според анализите, воведувањето на полуавтоматскиот систем би го намалило просечното време за проверка на офсајд ситуации за 31 секунда.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.