Тренерот на Тотенхем предложи радикални измени во фудбалските правила

September 12, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Тренерот на Тотенхем предложи радикални измени во фудбалските правила

Новиот тренер на Тотенхем, Данецот Томас Франк, кој летово го презеде клубот, предложи радикални измени што, според него, би го направиле фудбалот пофер и подинамичен. Во разговор за „Дејли Мејл“ тој издвои две идеи кои веднаш предизвикаа интерес и дебата. Првата е воведување на официјален тајм-аут во секое полувреме. Франк смета дека тоа би било огромна предност за тренерите. „Би вовел тајм-аут. Тоа би ни овозможило директна комуникација со играчите за време на натпреварот и брзи тактички прилагодувања“, објасни тој. Таков предлог би претставувал голем преседан, бидејќи во моментов насоки можат да се даваат само од аут-линија или во полувреме. Во ера во која VAR проверките веќе го прекинуваат текот на играта, идејата за тајм-аут може да добие поддршка кај дел од тренерите, но и силни критики од фановите кои стравуваат од „американизација“ на спортот. Втората промена што ја предлага Франк се однесува на правилото за игра со рака во шеснаесетникот. Според него, сегашната интерпретација е неправедна. „Ако топката случајно ја удри вашата рака, веднаш се досудува пенал – тоа е преголема награда за противникот. Би го укинал тоа правило“, смета данскиот стратег. Иако дел од овие идеи веќе се дискутираат на највисоко ниво, за сега нема најава дека УЕФА или ФИФА се подготвени за толку драстични промени.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.