Уште неседнат на клупата на Реал, Алонсо веќе не се согласува со Перез околу еден играч

April 29, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Уште неседнат на клупата на Реал, Алонсо веќе не се согласува со Перез околу еден играч

На големо во Шпанија се зборува за плановите на Чаби Алонсо за својот нов клуб Реал Мадрид. Иако официјално ништо не е потврдено, се очекува дека по заминувањето на Карло Анчелоти летоска, кормилото на „кралевите“ ќе го преземе токму поранешниот ас на клубот, кој во моментов успешно го води Баер Леверкузен. Како што пренесуваат шпанските медиуми, една од првите желби на Алонсо за засилување е Мартин Зубименди од Реал Сосиедад. Наводно, новиот стратег на „белите“ верува дека младиот шпански репрезентативец може да биде клучен дел од неговиот среден ред. Сепак, не секоја желба на тренерот ќе биде реализирана. Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, не е подготвен да ја отвори касата за трансфер вреден околу 60 милиони евра. Според него, клубот веќе има доволно квалитет во средината со играчи како Едуардо Камавинга и Орелиен Чуамени. Со оглед на тоа дека тимот е солидно покриен на оваа позиција, Перез смета дека нема потреба од дополнителни инвестиции, барем не за Зубименди. Останува да видиме дали Чаби Алонсо ќе успее да го убеди раководството или ќе мора да се насочи кон други решенија.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.