Валверде: Не сме навикнати да биде вака, секогаш сме биле најгоре во ЛШ

December 10, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Валверде: Не сме навикнати да биде вака, секогаш сме биле најгоре во ЛШ

Реал Мадрид е познат по тоа што својата форма често ја темпирал преку Лигата на шампиони, па и во сезони кога не бил на високо ниво во домашното првенство, на крајот успевал да освои европски трофеј. Меѓутоа, оваа сезона ситуацијата е поинаква. Во премиерната сезона со новиот формат на Лигата на шампиони, Реал се наоѓа во доста незгодна позиција. Пред дуелот со Аталанта, тимот е на 24-то место на табелата, што е последното место што носи пласман во баражот. Сега, Реал има потреба од победа во последните три натпревари од групната фаза, и не смее да си дозволи нови неуспеси. Феде Валверде призна дека никој во тимот не е навикнат на ваква ситуација и дека мора да се борат до последниот момент за да обезбедат место во следната фаза. „Јасно е дека не сме навикнати да бидеме во ваква ситуација, не сме навикнати на вакви моменти. Секогаш сме најгоре во Лигата на шампиони, но сега мора да останеме мирни. Ова е дел од фудбалот, дел од процесот и мора да веруваме во тоа што го правиме. Можеме да го промениме ова само на еден начин, давајќи го максимумот на теренот. Да покажеме што работевме за натпреварот со Аталанта, мора да бидеме организирани во одбрана и ефикасни во напад. Знаеме дека Аталанта знае да игра човек на човек, но од тоа може и да профитираме со оглед на брзите играчи кои ги имаме во тимот“, вели Валверде. Тој призна дека не можел да спие по грешката која ја направил минатата недела против Атлетик Билбао на „Сан Мамес“. „На „Сан Мамес“ ми се случи нешто што ми се нема случено во кариерата. Ми беше тешко да спијам таа вечер и наредните неколку. Сепак, тоа е дел од фудбалот, мора да продолжите напред и да покажете дека можете да бидете пример за останатите и во такви ситуации. Како еден од капитените, мора да го пребродам тоа и да дадам пример за останатите“, објасни тој.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.