Ван Нистелрој е новиот тренер на Лестер!

November 29, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Ван Нистелрој е новиот тренер на Лестер!

Руд Ван Нистелрој, официјално го презема кормилото на Лестер Сити, потврди поранешниот англиски шампион. Холанѓанецот, кој неодамна го напушти Манчестер јунајтед по краткото привремено водство на „Црвените ѓаволи“, сега го започнува своето ново поглавје како тренер. Ван Нистелрој го водеше Манчестер Јунајтед на само четири натпревари, но во тие дуели го покажа својот потенцијал – три победи и едно реми, што ги врати позитивните вибрации во тимот по заминувањето на претходниот тренер. Сепак, по пристигнувањето на Рубен Аморим, холандскиот стратег ја напушти клупата на „Олд Трафорд“ и се фокусираше на новиот предизвик. „Горд сум и возбуден што ќе го водам Лестер. Сите во клубот се ентузијасти и имаат амбициозен проект. Ќе дадам се од себе за да донесам подобри резултати и да го вратам тимот на вистинскиот пат,“ изјави Ван Нистелрој, кој се чини дека е подготвен да ја започне оваа возбудлива фаза во неговата тренерска кариера. Со потпишување на договор до јуни 2027 година, Ван Нистелрој го наследува Стив Купер, кој по разочарувачките резултати беше отпуштен по само пет месеци на чело на Лестер. Сега, со нов тренер на клупата, Лестер се надева на свеж старт и враќање на своите амбиции во Премиер лигата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.