Занети: Лаутаро може да ја освои „Златната топка“

May 8, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Занети: Лаутаро може да ја освои „Златната топка“

И покрај неколкуте разочарувања на домашната сцена, Интер продолжува да блеска во Европа и ќе се бори за титулата во Лигата на шампионите. „Нероаѕурите“ обезбедија пласман во големото финале по драматичната елиминација на Барселона со вкупен резултат од 7:6 и на 31 мај ќе се соочат со ПСЖ во Минхен. Потпретседателот на Интер, Хавиер Занети, не го криеше задоволството од европската кампања на клубот и му оддаде признание на тренерот Симоне Инѕаги. „Во полуфиналето се соочивме со Барселона, тим со сосема поинаков стил и пристап во нападот. Финалето против ПСЖ ќе биде неизвесно, шансите се 50/50. Станува збор за еден натпревар и мораме да излеземе фокусирани, да ја играме нашата игра и да се надеваме дека ќе го задржиме нивото од полуфиналето“, изјави Занети. „Инѕаги е неоспорен лидер. Со нас е четири години и направи неверојатни работи. Стигнавме до две финалиња на ЛШ во три сезони. Се надевав дека ќе стане тренер каков што е денес и успеа“, додаде тој. Занети имаше и пофални зборови за аргентинската ѕвезда Лаутаро Мартинез, кој според него има квалитет за највисоки индивидуални признанија. „Во полуфиналето Лаутаро даде сè додека не беше заменет. Тој е клучен и за Интер и за Аргентина. Секогаш игра со срце и посветеност. Нема сомнение дека има сè што е потребно за да ја освои Златната топка. Среќен е во Милано, чувствува припадност, а тоа е пресудно за големи достигнувања“, заврши легендарниот Аргентинец.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.